Алтернатива

Идејата да создадеме нови, АЛТЕРНАТИВНИ и едновремено високо професионални можности за клиентите кои се соочуваат со проблеми, за оние кои немаат проблеми но сакаат да растат и да се развиваат под професионално водство, за нашите колеги со различна професионална провиниенција кои сакаат да се стекнуваат со нови професионални знаења и вештини, ниту е нова, ниту ненадејна. Таа созреваше во сите нас долги години во кои планиравме, се надевавме, посакувавме, се стремевме, напорно и посветено работевме.

За сето време не придружуваа сеќавањата на оние со кои се сретнуваме изминатите години кога бараа наша помош. Ја паметиме нивната доверба и искреното споделување на проблемите, животните приказни и тајни, кога зборуваа за своитедушевни страдања, немири, дилеми или проблеми во семејството, бракот или за лошите односи со колегите и пријателите. Секогаш внимателно ги следевме додека вербално и невербално комуницираа со нашата отвореност, спонтаност, креативност, трпение и искреното разбирање за нив. Им влевавме доверба со почитта, разбирањето и дискрецијата, бидејќи за нас секоја средба значеше пред се и над се средба со човекот и неговиот живот.

Се почесто се соочувавме со барањата на клиентите за нов, алтернативен, неинституционален, дискретен, анонимен третман на нивните родителски, воспитни, партнерски, професионални проблеми. Ни упатуваа прашања за изборот на професија, партнерот, можностите за поуспешно справување со стресот и кризата; учењето на функционалните модели на комуникацијата, совладувањето на вештините на преговарање, договарање, надминување на конфликтните ситуации, градењето на успешната кариера.

На сите нив и на оние кои доаѓаат, сакавме да понудиме АЛТЕРНАТИВНА институција во која ќе работи Тим од едуцирани, стручни, посветени, професионални лица, кои пред се морат да бидат добри луѓе, посветени на својата хумана мисија, отворени и внимателни за се она што се случува во душата и животот на човекот кој доаѓа барајќи совет, помош. Сакавме да понудиме АЛТЕРНАТИВНА АТМОСФЕРА, професионална и дискретна, во која стручната помош ќе ги води кон пронаоѓање на најдоброто можно решение за секојдневните и помалку секојдневни проблеми во индивидуалното и семејно живеење, во професијата, во партнерските и/или брачни релации и оние во поширокото социјално опкружување. Сакавме да создадеме АЛТЕРНАТИВНА МОЖНОСТ и пријатна атмосфера за организирано учење и стекнување на вештини за справување со кризата и стресот, за сопствениот раст и развиток, за изборот на професијата и разрешувањето на професионалните проблеми, за градењето и одржување на партнерската врска и/или функционалните брачни релации, за предизвиците на родителската улога, за детските, а особено адолесцентните теми и дилеми, за создавање на хармонична семејна атмосфера.

Мислевме и на нашите колеги, професионални лица од областа на хуманите науки (доктори на медицина, психијатри, психолози, социјални работници, педагози, дефектолози, наставници, теолози и др.) кои заинтересирано бараа организирана форма на понатамошно надградување на нивното знаење и вештини во психотерапијата, базирана на семејната и системска мисла и пракса.

За нив ја основавме првата и единствена Школа за семејна и системска психотерапија во Македонија, со едукативна програма според европскиот модел на современа психотерапевтска школа. Институтот е покровител на Школата која е од 2009 год. член на Комората на Тренинг Институти при Европската Асоцијација за Семејна терапија (ЕФТА-ТИЦ), а преку членството во МПА (Македонската психотерапевтска асоцијација) од 2010 е член на Европската Асоцијација за психотерапија (ЕАП).

Освен тоа, креиравме и бројни други професионални едукативни програми за надградување на знаењето од психодијагностиката и психотерапијата.

Благодарение на нашето знаење, долгогодишно искуство и ентузијазам, постапно ја развиваме едукативната и супервизиска работа со останатите системи во работни организации, со професионалните тимови, спортските друштва и сл.

Денес, гордо велиме – нашиот и ваш

ИНСТИТУТ АЛТЕРНАТИВА навистина постои и работи.

Нашиот тим постојано учи и се развива. Ги учиме клиентите и колегите, но и самите постојано учиме од нив. Развиваме алтернативни модели на соработка, обединувајќи ја професионалноста, стручноста, искуство и зрелоста со ентузијазмот на младите колеги на полето на психодијагностиката, психотерапијата, советувањето, едукацијата и психоедукацијата.

За сета поддршка и доверба која ни ја укажувате бескрајно сме ви благодарни.

Од името на Тимот
Прим д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ