Едукативна програма

ПРВА ГОДИНА

Основни ЦЕЛИ на едукацијата во првата година:

  • Запознавање и совладување со базичните теоретски концепти на системската теорија и нивна примена во семејната психотерапија
  • Согледување на системскиот концепт на семејната дисфункционалност
  • Идентификување на различните форми на обрасци на семејна дисфункционалност во системскиот контекст
  • Запознавање со специфичните техники на интервенција, во релација со базичните системски пристапи и школи
  • Стекнување и развивање на практични вештини на едукантот за советување и нивна примена во тек на системските интервенции (анализа на протоколи и студии на случаи)
  • Запознавање со моделите на тимска и котерапевтска работа

Теми:

  1. Историски развиток на семејната и системска психотерапија; Општата теорија на системи (базични концепти)
  2. Функционални / Дисфункционални семејни процеси; Базични концепти на системскиот пристап и специфични терапевтски интервенции во семејната и системска психотерапија
  3. Животни циклуси (индивидуални, семејни и брачни)
  4. Генограм
  5. Прво интервју и практичните аспекти во третманот на клиентите: организација, структура, процес, итн.
  6. Трансгенерациски семеен пристап (М. Bowen и C. Whitaker)
  7. Структурален семеен пристап
  8. Стратешки семеен пристап
  9. Системска семејна психотерапија – Миланска школа
  10. Постмодернизам; Ко-конструктивизам и Социјален конструкционизам во семејната и системска психотерапија

Едукантите во првата едукативна година се обврзани:

  • Да присуствуваат редовно и активно да учествуваат на работилниците
  • Да подготвуваат и презентираат случаи
  • Да презентираат одбрани поглавја од стручната литература
  • Да достават пишан испитен материјал до едукаторите, најдоцна една недела пред испитот (лично или преку електронска пошта)
  • Да полагаат завршен испит

Испитна работилница

 Едуканти кои присуствувале на најмалку 9 од 10 работилници, поканети се да го полагаат испитот. Испитот е организиран во форма на групна-интерактивна-работилница (11-та во годишниот циклус).

Испитот е составен од:

  • Писмен дел:

1. Презентација на 1 (еден) случај (индивидуа, пар, родители, семејство) од системска перспектива: вклучувајќи генограм, системска дефиниција на симптом (реален или очекуван), системска хипотеза и план за терапевтски пристап;

2. Есеј на тема избрана од теоријата презентирана во првата година (пристапи, концепти, техники) со лична саморефлексија кон темата;

3. Превод на поглавје од избрана стручна литература

  • Уснен дел: Разговор со кандидатот за неговата писмена работа и елаборација на едно прашање од теоријата, низ групен процес.

Очекувани резултати од првата едукативна година:

Со завршување на првата година, т.е. базичниот-воведен курс, се очекува едукантите да владеат со основни познавања на системската теорија и системското разбирање неопходни на семејното функционирање, да бидат запознаени со техниките и вештините неопходни за супортивна работа со клиентите (индивидуи, пар, семејство) да развијат способност да го разберат семејството на системски начин и да покажат познавање на основните интервенции во системската советодавната пракса.

По завршување на првата година и положениот испит, едукантите добиваат СЕРТИФИКАТ кој потврдува дека ја завршиле базичната/воведна година од едукацијата за семејна и системска психотерапија.

ВТОРА ГОДИНА

Основни ЦЕЛИ во втората едукативна година:

  • Стекнување на теоретски знаења за посебните модалитети на семејното функционирање и основните техники на системски интервенции во системската советодавна пракса
  • Стекнување и развивање на вештини и техники за системски интервенции преку студии на случаи (индивидуи, родители, парови, семејства) и анализа на протоколи подготвени низ системски пристап
  • Личен развој низ индивидуална/групна супервизија
  • Разбирање на важноста на саморефлексивноста и континуираното поттикнување на свесноста за процесот и содржината на учењето
  • Развивање на способности за идентификување на сопствените сили и вештини, како и слабости, и способности за критичка и конструктивна евалуација на терапевтскиот процес и работа.

Едукацијата во втора година е структуриран во форма на семинарски работилници, посветени на совладување на одредени тематски подрачја и на работа со семејните системи (индивидуи, парови и/или семејства), во форма на играње на улоги, „во живо“, видео прикази, а придружено со супервизија.

Теми:

  1. Терапевтскиот процес во семејната и системска психотерапија (проценка на семејството за семејна терапија, формулирање на терапевтскиот фокус, план и процес). Предрасуди, стереотипи и верувања во терапевтскиот процес
  2. Теоријата на врзување (attachment) и нејзината примена во праксата; Посвојување (адопција) и семејниот систем
  3. Брак/пар, брачна/партнерска криза и брачна/партнерска психотерапија
  4. Сепарација, развод, постапка на медијација при развод, работа со семејства во сепарација и развод, “мешани” семејства
  5. Загуби во семејството, системско разбирање и интервенирање во семејниот систем
  6. Тајни во семејството, системско разбирање и интервенирање во семејниот систем
  7. Семејство и болест (соматска или ментална) и хендикеп; системско разбирање и интервенирање во семејниот систем
  8. Семејни системи организирани со насилство, системски интервенции и базични принципи во третманот
  9. Семејство во бегалство, раселени семејства, миграција, мултикултурелни семејни системи; Употреба на метафорите во семејната и системска психотерапија
  10. Концепт на резилиентност и резилиентно семејство

Забелешка: Темите можат да бидат прилагодени за време на едукативниот процес, согласно интересите и професионалните потреби на членовите на едукативната група.

Обврски на едукантите:

  • Да присуствуваат редовно и активно да учествуваат на работилниците
  • Да подготвуваат и презентираат случаи
  • Да презентираат специфични теми од стручната литература
  • Да достават пишан испитен материјал до едукаторите, најдоцна една недела пред испитот (лично или преку електронска пошта)
  • Да полагаат завршен испит

Испитна работилница

Сите едуканти кои присуствувале на најмалку 9 од 10 работилници, се поканети да го полагаат испитот кој е организиран во форма на групна-интерактивна работилница, 11-та во годишниот едукативен циклус.

Испитот е составен од:

  • Писмен дел:

1. Писмен приказ на 2 (два) случаи (индивидуа, пар, родители, семејство) од системска перспектива: вклучувајќи генограм, системска дефиниција на симптомот, системски хипотези и протокол на применети техники и интервенции;

2. Есеј на тема избрана од теоријата презентирана во втората едукативна година со лична саморефлексија кон избраната тема;

3. Превод на поглавје од избрана стручна литература

  • Уснен дел: Уснена презентација на писмените работи на едукантот и разработка на две прашања од теоријата, низ групен процес..

Очекувани резултати од втората едукативна година:

Со завршување на втората година од едукацијатат, се очекува едукантите да имаат развиени способности за системско разбирање на клиентите (индивидуа, пар, родители, семејство), како и да владеат со знаења и вештини за примена на основните системски интервенции во системската советодавна практика.

По завршувањето на втората година и положениот испит, едукантот се стекнува со Сертификат – СЕМЕЕН И СИСТЕМСКИ СОВЕТНИК,

кој потврдува дека истиот поседува способности за системска советодавна работа со клиенти ( индивидуи, парови, родители, семејства).

ОПЦИОНАЛНО!

Дополнителна работилница од клиничка психологија и психопатологија се организира пред третата едукативна година, за едукантите се заинтересирани да ја продолжат едукацијата од семејна и системска психотерапија, а кои во тек на нивното базично високо образование не стекнале знаења од клиничката психологија и психопатологија.

ТРЕТА ГОДИНА

На почетокот на третата едукативна година претходи индивидуално интервју со секој од кандидатите, со карактер на проценка.

Базични ЦЕЛИ :

  1. Разбирање на влијанието на пошироките системи врз животот и функционирањето на хуманите системи (индивидуи, семејни субсистеми и системи)
  2. Стекнување на вештини за критичка употреба на системската теоретска рамка и нејзиното прилагодување на потребите во праксата
  3. Воведување на модели на терапевтска работа за специфични клинички случаи
  4. Поттикнување на супервизиските процеси и на конструктивните и рефлексивни консултации со колегите и дискусија за терапевтскиот процес.
  5. Преземање на активна улога во процесот на личен раст и развој низ идентификување на подр4ачјата на личните резилиенци, снаги и слабости, како и предизвици за идниот професионален развој.

Третата едукативна година е структурирана во форма на семинарски работилници посветени нн совладување на одредени тематски подрачја и стекнување и усовршување на специфични знаења и вештини за изведување на сеопфатна терапевтска работа со клиенти (индивидуи, родители, парови, семејства) следени низ континуирана индивидуална и/или групна супервизија („во живо“ или преку видео снимка). Главна цел е да се поддржи континуираниот прогрес, развој и интегрирање на рефлексивноста и саморефлексивност во терапевтската работа.

Теми:

  • Депресијата, самоубиството и семејниот систем; Системско разбирање и системско семејни интервенции.
  • Психотични растројства и семејниот систем; Системско разбирање и системско семејни интервенции.
  • Анксиозност, стрес, невротски растројства и семејниот систем; Системско разбирање и системско семејни интервенции.
  • Семеен систем и синдромот на зависност од психоактивни супстанци; Системско разбирање и системско семејни интервенции.
  • Семеен систем и растројство во однесувањето (деликвенција); Системско разбирање и системско семејни интервенции.
  • Семејна и системска психотерапија и интервенции фокусирани на деца.
  • Психосоматски и нарушување во исхраната и семејниот систем; Системско разбирање и системско семејни интервенции.
  • Системски пристап кон психосексуалните дисфункции; Системско разбирање и системска пракса при работа со ЛГБТ системи.
  • Саморефлексивност и користење на “ селф-от” во семејната и системска психотерапија; Етичката и анти дискриминаторска пракса во семејната и системска психотерапија.
  • Културално сензитивна практика и културален генограм; Родно сензитивна семејна и системска психотерапија

Забелешка: Во тек на едукативниот процес темите можат да се прилагодат на потребите и професионални афинитети на едукантите во групата.

Обврски на едукантите во третата година:

  • Да присуствуваат редовно и активно да учествуваат на работилниците
  • Да подготвуваат и презентираат случаи на терапевтска работа со клиенти (индивидуи, родители, парови, семејства) и да бидат супервизирани низ индивидуален или групен процес.
  • Да пишуваат терапевтски дневник за личниот раст и развој и за научените лекции за време на едукативниот процесот и терапевтската работа
  • Да подготват семинарски приказ на специфични теми од стручната литература
  • Да достават пишан испитен материјал до едукаторите, најдоцна една недела пред испитот (лично или преку електронска пошта)
  • Да го полагаат завршниот испит

Испитна работилница (11-та во годишниот циклус во трета година)

Право да полагаат испит остваруваат едуканти кои присуствувале на најмалку 9 од 10 едукативни работилници и кои во текот на третата едукативна година доставиле најмалку еден видео запис на снимена терапевтска сеанса за групна супервизија или овозможиле групна супервизија на терапевтска работа со клиент (индивидуа, пар, родители, семеен систем) „во живо“.

Испитот се состои од:

  • Писмен дел:

1. Писмена приказ на психотерапевтска работа со два клиента (индивидуа, пар, родители, семејство) со фокус на терапевтскиот процес и користените терапевтски техники и интервенции, рефлексивност и саморефлексивност;

2. Семинарска работа на тема избрана од теоријата презентирана во третата едукативна година, со лична саморефлексија кон темата;

3. Презентација на дневникот на терапевтот, со личниот и професионален раст и развој на терапевтот,

4. Превод на поглавје од стручната литература

  • Практичен дел: Пред испитот, едукантите се обврзани да приложат најмалку една видео снимка од терапевтска сеанса која ќе биде супервизирана за време на групниот процес, или да бидат директно супервизирани додека работат со клиентот (‘’супервизија во живо’’)
  • Уснен дел: Групна дискусија за презентираните случаеви, за применетите теориски пристапи и терапевтски интервенции, со фокус на научените лекции (позитивни и негативни) и на рефлексивните и саморефлексивните процеси. Секој кандидат во групата елаборира две прашања од теоријата.

Очекувани резултати:

По завршување на третата едукативна година од едукантите се очекува:

  • Да стекнат широк дијапазон на терапевтски искуства од работата со различните клиенти (индивидуи, родители, парови, семејства) со фокус на терапевтскиот процес
  • Да можат да користат различни терапевтски техники и интервенции и да бидат чувствителни и флексибилни во изборот на истите, соодветно на различните потреби и очекувања на клиентите
  • Да развијат особена чувствителност за влијанието на пошироките системи врз животот на поединецот и семејството и успешно да ја вклучуваат оваа перспектива во терапевтската работа
  • Да бидат отворени, високо сензитивни, флексибилни и креативни во нивната терапевтска работа со клиенти од различни култури, религии, сексуална определба, итн.

По завршувањето на третата година и положениот испит, едукантот добива

СЕРТИФИКАТ кој потврдува дека ја завршил третата едукативна година од семејна и системска психотерапија.

ЧЕТВРТА ГОДИНА

Едукативната програма во четврта година е целосно супервизиска и претставува примена на усвоените знаења и вештини од семејната и системска психотерапија во работата со клиентите, следена низ рефлексивен и саморефлексивен групен супервизиски процес.

Едукацијата се реализира низ дводневни супервизиски работилници во тек на кои се одвиваат:

  • Супервизии на терапевтскиот процеси со семејства „во живо“, супервизија на видео материјали на едукантите, супервизија на презентираните случаи, играње на улоги…..
  • Дискусија околу специфични прашања поврзани со релевантни теми од стручната литература („семинари на читање“)
  • Разработка на специфични теми, супервизиски/лични на терапевтот/едукант низ саморефлексивна работа

Супервизија во семејната и системска психотерапија

 Едукантите се обврзани да презентираат неколку случаеви и да снимат најмалку една терапевтска сеанса со клиенти (индивидуи, парови, родители и/или семејства) водена согласно семејната и системска психотерапија, а која ќе ја презентираат пред групата и ќе бидат супервизирани. Супервизијата е организирана како групен процес со цел да се набљудува теоретската рамка, интервенциите и позициите кои едукантот ги зазема во терапевтскиот систем, како и да се идентификува процесот на воспоставување на терапевтската релација и личните и професионални искуства, позитивни и негативни, релевантни за психотерапевтската работа со клиентите.

Литературни семинари

Подразбираат групна дискусија на одредени текстови и теми од литературата, претходно договорени со едукантот, а кои се однесуваат на различни, важни аспекти на работата со клиентите (индивидуи, парови, родители и/или семејства) вклучувајќи ги дневно-актуелните теми во современото семејство и системската психотерапија. Текстовите се анализираат во однос на важните аспекти на читање на литературата, како: позиција на објективност, позиција на субјективноста ( кој како го доживува и што чувствува во однос на текстот), лични гледишта, проценка, критика, мултипли влијанија, итн.

Саморефлексивна работа

Се однесува на проценка и идентификување на проблемите во релацијата терапевт-клиент, како и во релацијата супервизор-терапевт-клиент, со актуелните проблем-теми во терапијата и актуелните лични теми:

Што за мене значат границите во терапевтскиот процес?

Што значи за мене „тежок“ процес и/или „тежок“ клиент?

Која е мојата лична теорија на промена?

Кои се моите поддржувачи во теоријата/праксата?

Која е мојата преферирана теоретска рамка?

Која е мојата преферирана слика за мене како терапевт?

Кои се моите ‘’дилеми’’ во семејната и системска психотерапија?

Обврски на едукантите:

  • Да присуствуваат редовно и да учествуваат активно во едукативниот процес
  • Да подготват и презентираат видео снимки од психотерапевтски сеанси со клиенти (индивидуи, родители, парови, семејства) и/или да работат со клиентите „во живо“ и да бидат супервизирани (индивидуално и/или групно)
  • Да пишуваат терапевтски дневник за личниот раст и развој и за научените лекции за време на едукативниот процес и психотерапевтската работа, со писмени рефлексии на одредени теми
  • Да изработат приказ и презентација на експлоративно-истражувачка работа во која се следи, истражува одреден концепт/тема/феномен препознаен и согледан низ практичната работа со клиентите
  • Да ги достават испитните пишани материјали наjкасно една недела пред испитот (лично или преку електронска пошта).

ЗАВРШЕН ИСПИТ

Завршниот испит е организиран за едукантите кои го комплетирале 4 (четири) годишниот едукативен тренинг со целосно реализирани:

  • 500 часа теорија и/или методологија, вклучувајќи психопатологија;
  • 250 часа лично психотерапевтско искуство, во индивидуален или групен сетинг
  • 600 часа клиничка пракса со клиенти (индивидуи, парови, родители и/или семејства) под редовна супервизија
  • 150 часа супервизија на ефективна клиничка пракса

Пред испитот, едукантите се обврзани да достават 2 (две) видео снимки од психотерапевтски сеанси со клиенти (индивидуи, родители, парови, семејства) кои ќе бидат презентирани пред групата за супервизија.

ЗАВРШНИОТ ИСПИТ СЕ ИЗВЕДУВА ПРЕД КОМИСИЈАТА / ОДБОРОТ ЗА СЕРТИФИКАЦИЈА, СОГЛАСНО СТАНДАРДИТЕ НА EAP.

Во согласност со стандардите на EFTA и на EAP, по 4 (четири) годишна едукација, согласно структурата на едукативната програмата, и 1.500 тренинг часови, како и успешно положениот завршен испит, на кандидатот му се издава СЕРТИФИКАТ, кој потврдува дека тој/таа се стекнал со знаења и вештини на

СЕМЕЕН И СИСТЕМСКИ ПСИХОТЕРАПЕВТ