Што е психотерапија?

Психотерапијата е сложен, стручно воден процес со примена на научно дефинирани и докажани методи базирани на односот психотерапевт – клиент. Се применува во работа со личности кои имаат психички и емоционални проблеми или кои сакаат да ги развиваат и реализираат своите потенцијали.

Често велиме дека психотерапијата е премногу добра и лековита метода за нејзината примена да се ограничи. Како резултат на навремено спроведени психотерапевтски интервенции ментално здравите индивидуи често стануваат посреќни, позадоволни, поспособни за блискост, разбирање, љубов, сексуално функционирање, поуспешни во своите животни улоги и во професионалната кариера. Едноставно, со помош на психотерапијата и психоедукацијата тие научуваат да живеат поквалитетно и да бидат поуспешни во остварувањето на своите животни улоги (партнерски, брачни, родителски, семејни, професионални и др.), а при тоа да ја сочуваат својата психичка стабилност и ментална функционалност.

Психотерапевтските интервенции се применуваат и во постигнување на повисок степен на личен раст и развој, за постигнување на свесност за себе, за своите потреби, чувства, мисли, за разрешување на интрапсихичките и иинтерперсоналните конфликти, за постигнување на автентичност во севкупното лично однесување, а со тоа и поголема функционалност на индивидуален, семеен, професионален и социјален план.

Иако постојат различни психотерапевтски правци, техники и техники, заедничка цел им е да го ослободат клиентот од проблемите и да му помогнат да пронајде пофункционални начини за справување со истите, како и да овозможат зголемување на самодовербата и независноста во живеењето.

Психотерапијата се темели на комуникација помеѓу терапевтот и клиентот, при што клиентот добива можност да зборува за своите потешкотии и проблеми, чувства и стравови, мислења и ставови, во безбедна атмосфера на разбирање, прифаќање, топлина и поддршка, а без да биде осудуван, етикетиран и обезвреднет. Всушност, најзначаен фактор во психотерапевтскиот процес е ОДНОСОТ на взаемна почит, доверба и позитивни очекувања кои се развиваат помеѓу психотерапевтот и клиентот. Терапевтот креира атмосфера на сигурност, го води, насочува, едуцира клиентот, ги разбира неговите слабости, но е во потрага по неговите снаги и резилиенци кои ги подржува и појачува, за да го поттикне клиентот да вложи сопствен напор за да ја оствари посакуваната промена.

Тоа што клиентот го соопштува во тек на психотерапевтската сеанса е ДОВЕРЛИВА ИНФОРМАЦИЈА и претставува ПРОФЕСИОНАЛНА ТАЈНА. Без дозвола на клиентот никаква информација не смее да се соопшти на било кој друг (родител, партнер, колега и др.), освен во исклучителни случаи на животна загрозеност на клиентот или друг од неговото опкружување. Чувањето на податоците и информациите за и од клиентот е професионална, етичка и законска обврска на секој психотерапевт.