Групна психотерапија

Групната психотерапија им помага на индивидуите да го унапредат своето знаење, искуство и да стекнат вештини со кои поуспешно ќе се справуваат со проблематичните ситуации во животот. Во група лицата освен со терапевтот се сретнуваат со други индивидуи кои имаат идентична или слична цел. Групната психотерапија е насочена на интеракција помеѓу членовите во групата, поради што е особено прикладна за оние кои имаат проблеми во: социјалните односи, врзани со интимноста, довербата, самодовербата и слично. Интеракциите во групата овозможуваат голем број на повратни информации до секој поединец и на тој начин му помагаат да се идентификува, да се споредува, да споделува и да почувствува дека не е сам со својот проблем и накрај да промени некои обрасци во своето однесување кон себе и кон другите, кој ќе му помогнат пофункционално да го надмине сопствениот проблем. Секој во групата зборува за себе колку самиот сака и може. Не се очекува индивидуата да зборува за своите интимни работи повеќе од она што самиот ќе определи да го соопшти на групата; иако се бенефитите од групната психотерапија поголеми доколку е спремноста за работа на себе и споделување со групата поинтензивна.

Групата најчесто се состанува еднаш неделно; брои најмалку 7-10 индивидуи; една сеанса трае околу 90 минути. Од членовите на групата се очекува да доаѓаат на средбите редовно, да бидат точни и активно да учествуваат во групниот процес.

Во што може да Ви помогне групната психотерапија:

  • подобро да се запознаете себе си
  • да ги спознаете своите рационални и емоционални реакции
  • да научите да зборувате за себе, да ги изразувате своите емоции и доживувања на конструктивен начин
  • да научите да споделувате
  • да развиете чувство на поврзаност со другите преку увид за универзалност на некои ваши потреби и желби
  • да им помогнете на другите и да дозволите тие вам да ви помогнат низ процес на споделувањата на вашите искуства
  • да ја зголемите својата самосвест и да се прифатите себе си
  • да ја зголемите самодовербата
  • да ја зголемите одговорноста за себе
  • да ги планирате своите промени и да се посветите на нивното постигнување
  • да научите поефикасни социјални вештини
  • да станете почувтствителен за потребите и чувствата на другите
  • да ги дефинирате сопствените способности и да научите да ги развивате или менувате
  • да научите нови вештини за надминување на своите секојдневни и помалку секојдневни проблеми.

 Во Институтот се спроведува:

  • Групна системска психотерапија со индивидуи
  • Групна системска психотерапија со семејства
  • Групна системска психотерапија со партнери
  • Групна гешталт психотерапија