Брачна и партнерска психотерапија

Поради промовирањето на нови форми на заедничко живеење на партнерите, освен во брачна заедница, се почесто се зборува за партнерска психотерапија која ја обединува и брачната.

Брачната и партнерска психотерапија подразбира средба на психотерапевт со еден или двајцата партнери, со еден пар или група на парови. Партнерската и/или брачна психотерапија е фокусирана на надминување на дисфункционалните партнерските и/или брачни односи и учење на нови функционални обрасци на взаемно разбирање, уважување, толеранција, почитување на разликите, стекнување на доверба, регулирање на заедничкото живеење, функционално разрешување на партнерските и/или брачни кризи и др.

Партнерската и/или брачна психотерапија се организира и за индивидуи и парови заинтересирани да учат за своите сегашни и идни партнерски односи.

Голем број партнери едновремено се и родители.  Партнерите во семејниот систем градат партнерски подсистем, а како родители градат одделен родителски подсистем. Тоа едновремено го збогатува и го усложнува репертоарот на улоги во семејството. Тие улоги иако блиски не се идентични и бараат  знаење и вештини за нивно разграничување и функционално реализирање.

За жал, често се случува недоразбирањата, кризите, конфликтите и незадоволствата во партнерската и/или брачна дијада негативно да рефлектираат врз родителската улога, при што доаѓа до взаемно родителско недоразбирање и  дисквалификување, неусогласени родителски воспитни ставови и др. , што ги збунува и преплашува децата.  Тоа е особено остро изразени во ситуации на сепарирани или разведени партнери кои со партнерските конфликти продолжуваат да ги загрозуваат сопствените деца од позиција на родители.

Имајќи го предвид фактот дека децата подобро учат од тоа што гледаат, отколку од тоа што го слушаат партнерската психотерапија често е водена како психотерапија на родителски пар во тек на која родителите учат да градат функционален родителски сојуз со ускладени воспитни ставови, јасни правила и системи на вредности, взаемно почитување и подржување, за да со својот модел ја постигнат посакуваната воспитна цел кај децата.

Во Институтот се спроведува:

  • Брачна и партнерска психотерапија со еден или група на парови
  • Системски базирана партнерска и/или брачна психотерапија со еден или група на парови
  • Системски базирана психотерапија со еден или група на родителски парови